Билингвални паралелки
Почетна / Настава / Билингвални паралелкиБилингвална настава на француски јазик во Р. Северна Македонија и Гимназијата „Орце Николов“
Билингвалната настава на француски јазик во Северна Македонија е воведена во учебната 1997/1998 во Гимназијата “Свети Кирил и Методиј” во Неготино, а од 2000-2001 година, во уште 5 гимназии, во две гимназии во Скопје: „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, во Тетово: „Кирил Пејчиновиќ“, во Куманово: „Гоце Делчев“ и во Битола: „Јосип Броз Тито“.
Овие билингвални паралелки започнаа со работа со поддршка и во соработка со Министерството за образование и наука, Француската Aмбасада во Р. Северна Македонија и Францускиот културен центар во Скопје. Наставата во овие паралелки се одвива според концептот и програмите на реформираното гимназиско образование, делумно на француски јазик. Францускиот јазик се учи како прв странски јазик (со четири часа неделно) и еден час неделно со лектор од Франција.
Некои од наставните предмети: математика, физика, хемија, информатика, историја, географија, се изведуваат со одреден број на часови на француски јaзик, со постепено наголемување на бројот на часовите во текот на секоја наставна година. Покрај учебниците и наставните помагала на македонски или албански јазик одобрени од Министерството за образование, учениците од билингвалните паралелки имаат можност во наставата да користат и изворни учебници на француски јазик, речници, списанија и друга помошна литература со која располага училишната библиотека и центарот за документација. Кадровски услови: наставниците вработени во училиштата со билингвална настава треба да имаат доказ за познавање на францускиот јазик барем на ниво Б2, дефиниран со Заедничката европска референтна рамка за јазиците, изработена од Советот на Европа, која дефинира шест нивоа на познавање на еден странски јазик. Покрај јазичните знаења тие треба да поседуваат стручни, педагошко-психолошки, методички вештини и способности. Поради тоа наставниците што предават во билингвалните паралелки на француски јазик се вклучени во лингвистичко-педагошки обуки и семинари за билингвална настава во Северна Македонија и во странство. Учениците од билингвалните паралелки на француски јазик редовно учествуваат на конкурсите, натпреварите како и во сите други активности организирани од страна на Францускиот културен центар и Филолошкиот факултет: Одиме во Франција, Француска Олимпијада, Француска шансона, Франкофонски театарски фестивал и др. како и во организација и реализација на Деновите на Франкофонијата.
Од 2006 година започна и поинтензивна соработка со партнер-училишта од Франција преку работа на заеднички педагошки интердисциплинарни проекти. На крајот на средното образование учениците имаат можност да се здобијат со посебен сертификат од француската амбасада за познавање на јазикот, кој го добиваат со полагање на завршен испит по француски јазик и два нејазични предмети по избор на ученикот, изучувани во текот на школувањето. Учениците имаат можност за запишување на франкофонски универзитети без полагање на јазичен испит. Билингвалната настава го олеснува пристапот до странските универзитети и е одличен начин на отварање кон Европа и светот.
Во случај да имате дополнителни прашања во врска со билингвалните паралелки
Нашиот персонал со голема посветеност и задоволство ќе се потруди да ви одговори на вашите прашања.