Билингвални паралелки

Почетна / Инфо / Билингвални паралелки
Билингвалната настава претставува настава на два јазика:  настава на мајчин јазик и настава на друг јазик кој може да биде друг јазик во земјата или некој од европските  јазици. Тоа подразбира не само изучување на другиот јазик во земјата или странскиот  јазик како предмет туку и користење на јазикот во една или повеќе  нејазични  дисциплини (предмети). Билингвалната настава може да биде интегрирана во предучилишното образование, во основното, средното образование како и на факултетите. Според кадарот со кој што располагаат, училиштата предлагаат изучување на една или повеќе нејазични  дисциплини  на странскиот  јазик (математика, физика, хемија, биологија, географија, историја, економија, музика и др.).
Предности на билингвалната настава: – унапредување на способностите за говорење, пишување и комуникација; – учениците се активни учесници во наставата; – самостојно истражување, унапредување на способноста за тимска работа; – почитување на мултикултуралноста, развивање на толеранцијата, почитување на разликите; – чувство на успех и задоволство од постигнатите резултати.
Очекувани резултати: -подигнување на нивото и квалитетот на јазичните способности на учениците; -воведување на нови и ефикасни методи во секојдневната настава; -градење на критериуми и стандарди за да се потврдат постигнувањата на учениците и наставниците; -развивање на соработката со двојазичните градинки, училиштата и факултети во земјата и надвор од неа; -стекнувањето на јазична компетенција станува средство за воспоставување на директен контакт меѓу луѓето од разни земји и овозможува пристап кон универзалното знаење, кон техничките достигнувања и информатиката; -поголема чувствителност, разбирање и толеранција за други луѓе, култури и јазици, надминување на јазичните и културните бариери; -зајакнување на вештините на соживот и меѓусебно разбирање; -зголемување на знаењата на стручната терминологија, стручни способности, можност за добивање на меѓународно признаени сертификати како и полесно вработување.

Билингвална настава на француски јазик во Р. Македонија и Гимназијата „Орце Николов“

Билингвалната настава на француски јазик во Македонија е воведена во учебната 1997/1998 во Гимназијата “Свети Кирил и Методиј” во Неготино, а од 2000-2001 година, во уште 5 гимназии, во две гимназии во Скопје: „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, во Тетово: „Кирил Пејчиновиќ“, во Куманово: „Гоце Делчев“ и во Битола: „Јосип Броз Тито“.

Овие билингвални паралелки започнаа со работа со поддршка и во соработка со Министерството за образование и наука, Француската Aмбасада во Р. Македонија и Францускиот културен центар во Скопје. Наставата во овие паралелки се одвива според концептот и програмите на реформираното гимназиско образование, делумно на француски јазик. Францускиот јазик се учи како прв странски јазик (со четири часа неделно) и еден час неделно со лектор од Франција.

Некои од наставните предмети: математика, физика, хемија, информатика, историја, географија, се изведуваат со одреден број на часови на француски јaзик, со постепено наголемување на бројот на часовите во текот на секоја наставна година. Покрај учебниците и наставните помагала на македонски или албански јазик одобрени од Министерството за образование, учениците од билингвалните паралелки имаат можност во наставата да користат и изворни учебници на француски јазик, речници, списанија и друга помошна литература со која располага училишната библиотека и центарот за документација. Кадровски услови: наставниците вработени во училиштата со билингвална настава треба да имаат доказ за познавање на францускиот јазик барем на ниво Б2, дефиниран со Заедничката европска референтна рамка за јазиците, изработена од Советот на Европа, која дефинира шест нивоа на познавање на еден странски јазик. Покрај јазичните знаења тие треба да поседуваат стручни, педагошко-психолошки, методички вештини и способности. Поради тоа наставниците што предават во билингвалните паралелки на француски јазик се вклучени во лингвистичко-педагошки обуки и семинари за билингвална настава во Македонија и во странство. Учениците од билингвалните паралелки на француски јазик редовно учествуваат на конкурсите, натпреварите како и во сите други активности организирани од страна на Францускиот културен центар и Филолошкиот факултет: Одиме во Франција, Француска Олимпијада, Француска шансона, Франкофонски театарски фестивал и др. како и во организација и реализација на Деновите на Франкофонијата.

Од 2006 година започна и поинтензивна соработка со партнер-училишта од Франција преку работа на заеднички педагошки интердисциплинарни проекти. На крајот на средното образование учениците имаат можност да се здобијат со посебен сертификат од француската амбасада за познавање на јазикот, кој го добиваат со полагање на завршен испит по француски јазик и два нејазични предмети по избор на ученикот, изучувани во текот на школувањето. Учениците имаат можност за запишување на франкофонски универзитети без полагање на јазичен испит. Билингвалната настава го олеснува пристапот до странските универзитети и е одличен начин на отварање кон Европа и светот.

Во случај да имате дополнителни прашања во врска со билингвалните паралелки

Нашиот персонал со голема посветеност и задоволство ќе се потруди да ви одговори на вашите прашања.

Контактирајте не