Историјат

Почетна / За нас / Историјат

Во шеесет и пет годишното постоење на СУГС Гимназијата „Орце Николов“,  постојат безброј значајни настани, промени, награди, признанија, постигнувања што вредат да се споменат. Во овој историјат ќе ги издвоиме најважните датуми од постоењето на Гимназијата.

Во далечната 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, започна со работа Неполната гимназија „Орце Николов“. Сепак, вистинските почетоци на денешната Гимназија „Орце Николов“ се во 1955 година.  Таа година со Решение на Околискиот совет за просвета се формира Гимназијата „Орце Николов“, како училиште на српскохрватски јазик. Во првите години на формирањето, Гимназијата работела во просториите на Гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во овој период , во Гимназијата се школуваат ученици од 11 до 19-годишна возраст, распределени од I до VIII клас.

Од учебната 1957/58, наставата во Гимназијата се изведувала на два наставни јазика: македонски и српскохрватски јазик.

Во учебната 1962/63 година, поради катастрофалниот земјотрес, Гимназијата останува без работни простории. Училиштето работи во просториите на Основното училиште „Кирил и Методиј“ и во Основното училиште „Браќа Миладиновци“.

Во 1970 година, 15 години по формирањето, Гимназијата конечно ќе го реши проблемот со училишниот простор. Таа година Гимназијата ќе се пресели во новата зграда на булевар Илинден бб, денес број 101.

Следува успешен период во историјата на Гимназијата, за што сведочат многубројните награди, меѓу најзначајните се:„Ноемвриска награда“ во 1974 година за успешна работа на училиштето,  „13 Ноември“ за најдобро организиран спортски живот 1975 година, „Климент Охридски“ во 1979 година.

Во учебната 1982/83 година, Гимназијата се трансформира во Училиште за средно образование за електротехничка струка, насока слаба струја од трети и четврти степен на образование. Со согласност на Собранието на Републичката заедница за насочено образование, од 1991 година во Училиштето се организира и остварува воспитно-образовна дејност само од четврти степен, и тоа: електротехничар за електротехника, автоматика и сметачка техника.

Истовремено со електротехничката струка, од учебната 1993/94 година повторно се воведува гимназиското образование, односно запишани се четири гимназиски паралелки.

Електротехничката струка, во учебната 1995/96, ќе биде збогатена со уште еден профил-електротехничар за телекомуникации од четврти степен. Во работата на електротехничката струка, посебно значење има експерименталната билингвалната настава во една од паралелките од електроника. На англиски јазик се изведуваше наставата по предметите: Математика, Електроника, Електрични уреди и Основи на електроника. По оваа програма завршија четири генерации ученици.

Во 1997 година името на училиштето се менува во Државно училиште за средно образование „Орце Николов“ Скопје.

Во 2000 година за првпат се воведе експериментална билингвална настава на француски јазик во една паралелка. Наставата во оваа билингвална паралелка на француски јазик се реализира до денес по предметите: Математика, Хемија, Физика, Географија, Историја и Информатика.

Во 2001 година заврши последната генерација од електротехничка струка. Училиштето го смени името во Државно средно училиште – Гимназија „Орце Николов“ Скопје.

Во 2006 година се воведува и експериментална билингвална настава на англиски јазик во една паралелка. Во 2008 година, поради зголемениот интерес на учениците за овој тип настава, бројот на паралелки со билингвална настава на англиски јазик се зголеми на три паралелки. Билингвална настава на англиски јазик се реализира по следните предмети: Математика, Физика, Хемија, Биологија, Историја, Географија, Филозофија, Бизнис и претприемништво.

Од 2007 година училиштето е верифицирано како Средно училиште на Град Скопје-Гимназија „Орце Николов“.

Многу генерации ученици тука го завршија средното образование и засекогаш оставија неизбришлива трага во историјата на Училиштето. Многумина од нив станаа познати и славни уметници, научници, спортисти, стопанственици, истакнати граѓани на нашето општество. Сите се дел од шеесетгодишната традиција на успеси, врвни постигнувања, раст и развој на СУГС Гимназија „Орце Николов“.