Erasmus студиски обуки за професори

Почетна / Проекти / Erasmus студиски обуки за професори

МОЈОТ УЧИЛИШТЕН БЛОГ

Како психолог кој работи во средно училиште ми претставува особен предизвик примената на современите комјутерски алатки во мојата работа. Со цел стекнување на нови знаења од оваа област аплицирав за студиска обука на оваа тема.

Сметав дека обуката на тема – „Креативност во настава и учење преку користење на ИКТ- Дигитална училница“ во организација на ETI Институтот е соодветна на мојот интерес. Обуката опфаќаше запознавање со постојните Web 2.0 и интернет трендови и нивна примена во образовниот процес, поттикнување на иновативни пристапи при користење на ИКТ, кооперативно и колаборативно.И навистина, не погрешив во изборот.

Обуката се реализираше во април оваа година, на прекрасна локација, во универзитетското гратче Алкала де Хенарес, родното место на Мигуел де Сервантес, а на триестина минути оддалеченост беше и престолнината на Шпанија, Мадрид, која ме воодушеви со раскошот од музеи, архитектура и природа. Во близина беа градовите Толедо, првиот град-престолнина на Шпанија, како и Ескоријал, старата кралска палата, кои имав прилика да ги посетам уживајќи во мирисот и мистериозноста на старите кралства, уметност и архитектура.

На обуката присуствуваа околу 40 наставници од различни земји како Хрватска, Латвиа, Кипар, Турција, Полска, Романија и Финска. Имаше интересни дискусии и дружења, размена на искуства и споделувања теми од интерес за наставниците.

Она што го добив на обуката е особено значајно искуство за мене. Цел на обуката беше усвојување на занења за различни компјутерски платформи и можностите за нивна примена во воспитно-образовниот процес и во училница.

Совладувањето на техниката на изработка на блог не ми претставуваше потешкотија. Одбрав темата на мојот блог да обработува содржини од областа на меѓуврсничкото насилство (булинг) во училиште. Блогот содржи информации за тоа што претставува булинг, како се препознава, кои се учесници во меѓуврсничкото малтретирање и како да се работи на негово надминување.Исто така на блогот се дадени корисни информации за родителите кои имаат дете кое е жртва на меѓуврсничко насилство и што да се направи во училиштето доколку има вакви случаи. Сметам дека на овој начин ќе придонесам за подигнување на свесноста за овој проблем во училиште.

Оваа учебна година ќе работам на промовирање на мојот блог и запознавање на учениците, наставниците и родителите со неговите содржини. Ве повикувам да го посетите и вие! Еве го и линкот (http://poprizova.blogspot.mk/)

Ана Попризова

Училиштен психолог
СУГС Гимназија „Орце Николов“