Брануваме низ времето како што кон нас

Надоаѓаа неприлики до недоглед:

бранови на пандемија,

пожари, одземени права, слободи. Бранови на земјотреси, непогоди,

студени зими, војни крвави.

 

Бранови, кои родија идеја, да се пресоздаде реалноста преку стихови и настан. Настан, кој долго ќе се памети и зборува, оставајќи светол белег во сите животни прилики и неприлики. Настан, кој ни влеа надеж, ни разбуди емоции, солзи-радосници, прегратки и насмевки, среќа и смеа.

“Орцашка вечер на поезијата” блесна во сиот свој сјај, означувајќи го почетокот на Денови на Орце, по повод патрониот празник на училиштето. Се читаа стихови, домашни и странски, стихови на словенечки, турски, француски, англиски. Стихови од нашите ученици и од специјалните гости: Никола Маџиров, Ана Голејшка, Владимир Мартиновски, Јулијана Величковска и Билјана Стојановска, кои заедно со нотите на Карло, Стефан и Лазар, создадоа катарзичен момент на бегство од реалноста.
И сето тоа, под водство на проф. Драгица Јанкуловска и големите љубители на поезијата, креативци-организатори Јована, Емрах, Деспина и Карло, со поддршка на директорот Митко Димовски.

Вечерта магично се оствари, збогатена со производите на Виталиа, а во ходниците на Орце заживеа духот на уметноста и младинската енергија.
До следно видување!