Почитувани ученици, почитувани родители,

 

Со цел оптимизирање на целокупниот процес на уписи во средните училишта во Република Северна  Македонија, Министерството за образование и наука  за прв пат оваа година воведува нова дигитална услуга  која ќе Ви овозможи електронско аплицирање и нема да Ви одземе повеќе од 5-10 минути.

Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука  https://e-uslugi.mon.gov.mk  со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk .

Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/ најава.

За првото пријавување на учениците во конкурсниот рок, Порталот ќе биде отворен од 10.06.2022 година  во 10.00 часот. Учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) заклучно со 15.06.2022 година најдоцна до 15.00 часот, после што системот ќе биде затворен за онлајн аплицирање од ученици.

Во наведениот период додека системот за аплицирање е достапен за учениците, тие ќе можат да вршат ажурирање, измени и  дополнувања на своите пријави и да имаат увид во вкупниот број на поени од успехот, без поените од дипломите.

Валидација на дипломите и внесување на поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта.

Доколку учениците до 15.06.2022 сè уште го немаат добиено своето свидетелство за IX-то одделение,  ги внесуваат своите оценки евидентирани во е-дневникот. Во полето за свидетелство за IX-то одделение (во полето за прикачување) прикачуваат документ/слика (слика од е-дневник) и на тој начин ја завршуваат апликацијата. Свидетелството од IX-то одделение,  задолжително ќе го приложат  до училиштето при доставувањето на целокупната потребна документација на 16-ти  и 17ти јуни.

Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 16-ти  јуни 2022 година на интернет страницата на Министерството за образование и наука  www.mon.gov.mk, односно на https://e-uslugi.mon.gov.mk  најдоцна до 09:00 часот.

Доставувањето на потребената документација  до училиштата е на 16-ти  јуни од 12.00 часот до 19.00 часот и на 17-ти  јуни од 07.00 часот до 19.00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.

https://mon.gov.mk/content/?id=4779&fbclid=IwAR3HgbOsu7qR_qFGif1vQiIHjKqa5Ar6XtNYLxPnVtLpKYmCJwxWvcL-eQM