ОПШТИ ОДРЕДБИ

Одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) за повторно отворање на училиштата во учебната 2020/2021 година го зема предвид фактот дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците.

За донесување на одлука за повторно отворање на училиштата се направи општа проценка на ризиците, при што се земаа во предвид епидемиолошките фактори, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите.

Планот на Министерството за образование и наука (МОН) за започнување на учебната 2020/2021 година се базира на потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, наставниците и вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до ширење на КОВИД-19 во нашата држава, имајќи предвид дека едно од основните човекови права покрај образованието е и правото на здравје.

Овој план ги објаснува чекорите кои треба да ги преземе  училиштето за да ги обезбедат потребните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на корона вирусот (КОВИД-19).

Планот за одржување на наставата во учебната 2020/2021 година и Протоколот обезбедуваат рамка за училиштето за начинот на започнување и продолжување на образовниот процес.

 

1.ОРГАНИЗАЦИЈА И РЕАЛИЗАЦИЈА  НА НАСТАВАТА СО ДАЛЕЧИНСКО УЧЕЊЕ

Наставата за учениците   во училиштето се реализира со учење на далечина.

Во училиштето во учебната 2020/2021 година воспитно-образовниот процес се реализира согласно Календарот за организација на учебната 2020/2021 година, според скратени наставни планови и програграми, при што учениците се распоредени во 37 паралеки.

Училиштето ја организира наставата во две смени.

 

 

За наставата со учење од далечина се употребува националната платформа за учење на далечина опишана во точка 2 на овој План.

Наставата на далечина се реализира според однапред изготвен распоред на часови, а наставниот час трае 35 минути и 5 минути за одмор и приклучување. Во текот на една смена е предвиден еден одмор, во траење од 15 мин.(помеѓу втори и трети час) и 5 мин. за приклучување.

Распоредот на часовите задолжително се објавува на веб-страната на училиштето, на националната платформа и се доставува по електронски пат до Државниот просветен инспекторат.

Наставата со учење на далечина, наставниците ја реализираат од училница во училиштето со користење на националната платформа од точка 2 од овој План.

Директорот на училиштето се грижи за целосна покриеност со интернет конекција во сите училници во училиштето. Во случај на немање добра интернет конекција во училиштето, наставникот часот може да го одржи и од дома по претходно добиена согласност од страна на директорот на училиштето.

Предметниот наставник на барање на директорот му доставува линк за приклучување на електронската интерактивна платформа за учење на далечина за да ја следи работата на наставникот во текот на наставниот час.

Организирањето на наставата преку учење од далечина може да се однесува на одреден период (пократок или подолг во зависност од епидемиолошката состојба), па дури и доколку состојбата го налага тоа и во текот на целата наставна година.

Предметниот наставник води евиденција за реализацијата на наставниот час и за редовноста на секој ученик и истите ги евидентира во дневникот за работа на паралелката и во е-дневникот.

 

2. НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА УЧЕЊЕ НА ДАЛЕЧИНА ЗА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

За учениците кои ќе се приклучуваат на настава на далечина, наставниците ja употребуваат националната платформа за учење на далечина која овозможува двонасочна интеракција и комуникација на наставникот и ученикот.

Во текот на учебната година се поддржува соработката помеѓу наставниците за меѓусебно споделување на материјали и задачи. Споделувањето на материјалите до кој би имале пристап сите наставници е преку снимање на видео лекции согласно наставната програма прикачени на националната платформаили ЕДУИНО.

Националната платформа за учење на далечина ќе овозможи организација на содржините во форма на е-Училници. Секоја е-Училница е поврзана со соодветен наставник и ученици, при што наставникот има можност да:

  • поставува содржини (документи, презентации)
  • поврзува надворешни содржини од ЕДУИНО
  • испраќа соопштенија до учениците
  • врши двонасочна комуникација со користење на форуми
  • дефинира активности кои треба да ги сработат учениците
  • дава повратни информации на испратените домашни задачи од учениците
  • одржува on-line настава со помош на Microsoft Teams
  • креира и одржува тестови
  • креирање на е-Лекции

Националната платформа овозможува изведување на online тестови, кои ќе можат да бидат базирани на банки со прашања. Банките со прашања на почеток ќе бидат локални за секој предмет, со можност да се споделуваат во иднина. Банките на прашања може да содржат прашања од следните видови:

  • Есејски прашања
  • Кратки одговори
  • Избор на еден точен одговор
  • Избор на повеќе точни одговори
  • Пополнување на празни делови од реченици
  • Математички прашања, чиј одговор е едноставна формула
  • и друг видови на прашања кои ќе се овозможат доколку тоа е потребно.

Националната платформа ќе овозможи детално следење на активностите на наставниците и учениците, по што ќе можат да се изработат извештаи.

 

3. ПРОВЕРКА (ВАЛИДАЦИЈА) НА ЗНАЕЊАТА НА УЧЕНИЦИТЕ

Проверката (валидацијата) на знаењата на учениците се реализира со физичко присуство во училиште, на секое тромесечие по однапред утвреден распоред на паралелки, број на ученици во паралелка и времетраење на проверката, за што Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование објавија упатство кое е достапно на веб страната на БРО.

Училиштето изготвува распоред за проверка на знаењата на учениците најдоцна 2 недели пред предвидените термини и истиот го објавува на веб страната на училиштето и на националната платформа за учење на далечина.

По завршување на процесот на проверка на знаењата на учениците, класниот раководител по електронски пат го известува родителот за постигнатиот успех на неговото дете, утврден на класен и наставнички совет.

Доколку ученикот кој следи настава со учење на далечина не се вклучи на настава повеќе од пет дена, наставникот со стручната служба во училиштето реализира посета на ученикот во неговиот дом и спроведува разговор со родителот за неопходноста од задолжително и редовно следење на наставата.

За извршената посета и разговор со родителот/старателот се составува белешка.

За нередовно присуство на наставата се применуваат педагошките мерки утврдени во Законот за основното образование и Законот за средното образование.

Ученикот кој не можел да биде оценет поради отсуство од најмалку една третина од фондот на наставни часови од одредени предмети, има право да полага  испит на година по предметите по кои не е оценет, согласно Законот за основното образование/ законот за средното образование.

 

4. УЧЕНИЦИ КОИ НЕМААТ ИКТ/СМАРТФОН ИЛИ ИНТЕРНЕТ

За учениците кои немаат пристап до ИКТ или интернет, училиштето организира настава со физичко присуство во училиште, со согласност од родителите/старателите и исклучива согласност од Владата во утврдената постапка.

 

5. НАДЗОР ЗА ПРИМЕНАТА НА ПЛАНОТ И ПРОТОКОЛИТЕ

Следењето на реализацијата на наставниот процес согласно Планот и Протоколите (со физичко присуство на учениците и учење од далечина), го врши Државниот просветен инспекторат согласно своите надлежности преку редовен и вонреден надзор, а надзор на примената на Протоколите за одржување на наставата со физичко присуство во учебната 2020/2021 година вршат Државниот просветен инспекторат и Државниот санитарен инспекторат согласно нивните надлежности.